РУБРИКА: ДАЛИ ЗНАЕТЕ?
Дали знаете дека единствената постоечка железничка линија со нормален колосек на територијата на Општина Росоман, е иницирана и изградена во крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години од минатиот XX век. Одлуката за нејзина изградба е донесена на 22 Ноември 1977 год.
Железничката линија е со почетна станица во Градско, и завршен дел кај с. Шивец (Топилница „Фени“, за чии потреби и се гради). Најголемиот нејзин дел минува низ територијата на Општина Росоман, бидејќи од вкупно 17 km., дури 15 km. се на територија од Општина Росоман, и минува низ атарите на населените места: Градско, Паликура, Росоман, Рибарци, Манастирци, Трстеник и Шивец.
Кога изградбата започнала во 1978 год., морало да се изведуваат и дополнителни заштитни активности, бидејќи при ископувањата се наишло на главниот антички водовод кон Стоби, што предизвикало обилен доток и поплавувања од дотечна вода. Тоа ја продолжува првично планираната временска рамка за изградба. Во Ноември 1979 год. се вршат неопходни заштитно-конзерваторски археолошки ископувања на своевидниот канализиран аквадукт кој е со бројни завои заради теренот по кој е изведуван. Во праксата на античките градители, овој стил на хидро-градба применет во Росоманско, не е констатиран ниту кај еден ваков вид објекти на Балканот.
Во јавен сообраќај, оваа 17 километарска пруга е пуштена во Декември 1982 год., и во своја најполна функција е првите десетина години, после што се послабо се користи, и воопшто денес, што е условено од разните последователни економски и воени кризи, распади на држави и пазари, падови на цената на никелот, промена на сопственичките структури, лоши деловни политики, и др.
Сл. 1. Миг од изградбата на пругата во 1978 год.
Сл. 2. Миг од заштитните работи по истекот на водата од канализираниот аквадукт кон Стоби.
