Општина Росоман — општина во централниот дел на Република Македонија. Градоначалник е Ѓорѓи Крстевски. Општинско седиште е во Росоман. Создадена е со одделување од Општина Кавадарци во 1996 г. иако постоела како независна општина и во 1950-тите.
Росоман е една од помалите рурални општини и се наоѓа во средишниот дел на Македонија. Според апсолутната надморска височина, таа се вбројува во една од најниските општини во Македонија. Атарите на населбите се распространети во Росоманското Поле, односно во долното течение на Црна Река, која поминува точно низ средишниот дел на територијата на општината. Има правец на протегање североисток-југозапад. Од североисток се граничи со Општината Неготино, од исток, на југ и југоисток со Општина Кавадарци, од југозапад со Општина Чашка и од северозапад со Општина Градско. Низ општинското седиште Росоман поминува патниот правец Р-106 кој, преку Прилеп и Битола води за Охрид, а до сите населби постојат локални асфалтирани патишта кои водат за Скопје.
